Студентите ќе изработуваат бизнис планови за енергетска ефикасност

36

Студентите на економските и техничките факултети од денеска до крајот на месецов може да се пријавуваат на конкурсот за изработка на најдобар бизнис план за енергетска ефикасност што е објавен на веб-странцата www.energetskaazbuka.mk.
Пријавувањето за учество на натпреварот, кој е дел од активностите во рамките на Програмата за енергетска ефикасност, организирана од Министерството за економија и ЕВН Македонија, е во форма на тимови од минимум две и максимум шест лица.
Пристигнатите трудови ќе ги разгледува стручна комисија, а најдобрите три проекти ќе добијат парични награди во износ од 30.000, 18.000 и 9.000 денари. За пријавените студенти ќе се организира и кратка обука од стручни лица за критериумите за изработка на бизнис планот.
За реализација на натпреварот за најдобар бизнис план, се вклучија тимот на Енергетска азбука и студентските организации IASTE и AIESEC кои ќе дадат техничка и логистичка поддршка за реализација на овој проект.
“Денеска во рамките на Платформата за енергетска ефикасност промовираме концепт во кој ги вклучуваме студентите кои треба да изработат бизнис план за проект за енергетска ефикасност. Целта ни е да добиеме нови идеи од страна на студентите како подобро да се искористат мерките за енергетска ефикасност”, рече министерот за економија Ваљон Сарачини.
Тој појасни дека Министерството за економија во последните две години реализирало неколку значајни проекти за подобрување на енергетската ефикасност во Македонија. Потсети дека преку проектот со Светска банка вреден четири милиони долари во последниве две години е подобрена енергетската ефикасност на 42 училишни објекти во 15 општини. На тој начин, посочи, реконстуираните училишта имаат заштеди по 35 до 50.000 долари годишно за задоволување на енергетските потреби.
Во моментов, на македонските компании им се достапни и 75 милиони евра од кредитната линија на ЕБОР наменета за подобрување на енергетската ефикасност во Западен Балкан.
Претседателот на Управниот одбор на ЕВН Вернер Хенгст посочи дека ЕВН Македонија досега спровела многу програми за вработување, особено за младите луѓе, но дека се уште постои јаз меѓу она што го нуди образованието и потребите на реалниот сектор.
“Како енергетска компанија ние работиме интензивно на примената на енергетската ефикасност, особено во реалниот сектор. Но, за да имаме поголема практична примена неопходна е едукација, особено кај најмладите кои во иднина ќе бидат носители на развојот во економијата. Затоа овој натпревар е важен, бидејќи ќе отвори една нова димензија на размислување која треба да стане редовна пракса во следниот период”, рече Хенгст.
Платформата за енергетска ефикасност Министерството за економија и ЕВН Македонија ја започнаа во 2012 година, а нејзината цел беше подигнување на свеста и примената на енергетската ефикасност во реалниот сектор.
Досега преку платформата се спроведени обуки за преку 200 компании како е најдобро да се имплементираат мерки за енергетска ефикасност и да се најдат средства за нејзино спроведување. Дури 30% од компаниите кои биле на обуките веќе почнаа да ги имплементираат мерките за енергетска ефикасност.