Студија: Македонија во 2022 може да престане со производство на електрична енергија од јаглен

44

Македонија во 2022 година да престане да произведува електрична енергија од јаглен, предвидува студијата изработена од проф. д-р Стефан Бужаровски и д-р Стивен Глин од Универзитетот во Манчестер заедно со Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест од Скопје.
“Целта на студијата е да даде одговор дали е можно во Македонија да се произведува електрична енергија без фосилни горива”, истакна Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест.
Таа посочи дека Еко-свест смета дека приоритет на Македонија треба да и биде вложувањето во енергетска ефикасност и нови обновливи извори на енергија (ОИЕ).
Студијата, како што рече Невена Смилевска од Еко-свет, предвидува три сценарија. Првото сценарио А се заснова на намалена потрошувачка на електрична енергија, второто Б предвидува голем удел на ОИЕ во производството и статична потрошувачка, а третото В голем удел на ОИЕ и намалена потрошувачка на електрична енергија.
“Студијата покажува дека речиси 80% од електричната енергија може да се произведува од ОИЕ. Предвидува во 2022 година Македонија да го исклучи јагленот од производството на електрична енергија. Доколку се примени сценариото В, до 2050 година 79% од електричната енергија ќе се добива од ОИЕ, а во случај на сценариото Б, во 2050 година 59,7% од енергијата ќе се добива од ОИЕ, а остатокот од гас”, рече Смилевска.
Се предвидува, додаде Смилевска, кога некоја постојна термо електрана треба да се исклучи од работа и со која динамика да се внесат нови ОИЕ, пред се фотоволтаици, ветерни електрани, и термоелектрани на геотермална енергија и отпадна био маса.
Таа нагласи дека Еко-свест се залага и за поголема примена на енергетската ефикасност и додаде дека студијата овозможува и пред 2020 година Македонија да постигне намалување на потрошувачката на енергија за 20% преку подобрена енергетска ефикасност.
Александра Бујароска од НВО Фронт 21/42 посочи дека нивната цел е да се изработи подобра стратегија за енергетика во Македонија.
“Постојната Стратегија за енергетика предвидува до 2030 година дури 60% од електричната енергија во Македонија да се добива од јаглен. За разлика од нас, ЕУ до 2050 година целосно ќе ги истисне фосилните горива од производството на енергија. Затоа ќе покренеме иницијатива до Собранието на Република Македонија да се иницира расправа од која ќе произлезе потреба за ревизија на Стратегијата за енергетика”, рече Бујароска.
Таа посочи дека земјава нема да може да влезе во ЕУ доколку се реализира планот во Мариово да се отвори нов рудник за лигнит и нова термоелектрана на јаглен за која се предвидува да работи до 2050 година, зашто, како што рече, заедно со постојните термоелектрани ќе стане црна еколошка точка.
Еколозите, додаде Бујароска, се против изградба на акумулацијата Луково поле и хидроелектраната Бошков мост зашто се наоѓаат во Националниот парк Маврово, но не се против градба на хидроелектраните Чебрен и Галиште во Мариово.