Според сооопштението на ТАВ Македонија, охридскиот аеродром Св. Апостол Павле е втор најбрзорастечки аеродром во Европа во првите три месеци од годинава во категоријата под пет милиони патници годишно, јавува Миа.
Признанието за аеродромот со кој раководи ТАВ Македонија доаѓа од ACI Europe (Меѓународен совет на аеродроми за европскиот регион), кое во својот последен извештај бележи раст 173,9% на бројот на патници на Св. Апостол Павле во првиот квартал од 2016 година.
Извештајот на ACI Europe се однесува на сите цивилни патнички летови (регуларни, нискобуџетни и чартер-летови) и вклучува 206 аеродроми преку кои се одвива 88% од европскиот воздушен сообраќај на патници. Според него, европскиот аеродромски сообраќај во првото тримесечје од годинава пораснал за 7,8%.
Во првите четири месеци од 2016 година преку двата македонски аеродроми биле превезени 486.968 патници, што е пораст од 28% споредено со истиот период во 2015 година. Во исто време, бројот на полетувања и слетувања на двата аеродроми е зголемен за 15%.
Најбрзорастечки аеродром во Европа во категоријата под пет милиони патници годишно е воздушното пристаниште во белгискиот град Лиеж, каде што во првото тримесечје од годинава имало пораст на патници од 275,4%. Зад аеродромите во Лиеж и Охрид, меѓу првите пет се рангирани и аеродромите во белгискиот град Остенд (136,6%), Санторини (127,1%) во Грција и Орадеа (70,7%) во Романија. Генерално, европскиот аеродромски сообраќај во оваа категорија во првиот квартал од годинава пораснал за 8,9%.