Светозар Јаневски и Тиквеш прогласени за Најменаџер и најкомпанија на годината во ЈИЕ

25

tikves 1

Винарската визба Тиквеш и нејзиниот претседател на управниот одбор – Светозар Јаневски се добитници на меѓународното признание Најменаџер и најкомпанија на годината што гo доделува регионалната канцеларија за Југоисточна Европа на Европското здружение на менаџери и списанието Еуроменаџер (Euromanager).

За наградата, која годинава се доделува по 32-ри пат, биле номинирани 2.000 менаџери и компании од целиот регион, врз основа на предлозите што до жири комисијата ги доставуваат досегашните добитници на награда, стопанските здруженија и комори, како и истакнати поединци од академската и бизнис заедницата од Југоисточна Европа.

„Оваа меѓународно верификувана награда Ви припаѓа вам и на Вашата компанија заради извонредните резултати во сите сегменти од работењето“, стои меѓу другото во писмото со честитки од жири комисијата на Европското здружение на менаџери, упатено до Тиквеш и господинот Јаневски.

„Ова признание го посветувам на сите мои соработници, партнери во инвестициската групација М6 и вработени во Тиквеш. Тоа е резултат на мојата и нивната огромна енергија, вложен труд, знаење, и пред сè – нивната доверба во нашата визија за успехот на Тиквеш, како водечки производител на вино од нашиот регион, во глобални рамки”, истакна господинот Јаневски, заблагодарувајќи се за наградата.

Винарската визба Тиквеш и господинот Јаневски се единствените добитници на годинешната награда од Македонија. Покрај нив, наградата за Најменаџер и најкомпанија на годината им е доделена уште на 24 менаџери и компании од 14 земји од Европа.