Претседателот на Светска банка Дејвид Малпас во неделата изјави дека за неколку дена можат да обезбедат финансиска поддршка за Украина, а во вторник шефовите за финансии на Г7 ќе разговараат за дополнителна помош за земјата.
„Банката прави сè што е во нејзина моќ за да го поддржи украинскиот народ“, изјави Малпас за CBS. „Во моментов располагаме со инструмент со кој ќе може да дејствуваме во следните неколку дена доколку има потреба и се чини дека ќе биде“, додаде тој.
Малпас разговараше за опциите за финансирање на Светска банка со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Шефот на Светската банка тогаш изјави дека банката подготвува 350 милиони долари помош за Украина.
Малпас најави дека ќе се приклучи на виртуелниот состанок на министрите за финансии и гувернерите на централните банки на земјите од Г7 во вторник и дека ќе разговара за други опции и можат да одлучат колкава помош ќе оди за Украина.
На средбата ќе се разговара и за последниот бран санкции против Русија, како што е исклучувањето од системот SWIFT и неутрализирањето на 630 милијарди долари девизни резерви на руската централна банка.
Малпас изјави и дека Светската банка со Меѓународниот монетарен фонд разговара како да им помогне на земјите кои граничат со Украина, како Романија и Молдавија, со цел да ги поддржи во прифаќањето на украинските бегалци.
Малпас изјави дека финансиските санкции против Русија за жал ќе имаат негативно влијание врз рускиот народ.
„Сето ова е трагедија за Украинците, нивните соседи, но и за Русите. „Тие не ја избраа војната“, рече тој.











