Светска банка: Иновациите се клучни за поголема продуктивност во Централна и Источна Европа

Проширувањето на употребата на дигитални технологии, особено софтвер и алатки за вештачка интелигенција, би можело да ја зголеми продуктивноста на трудот во Бугарија, Хрватска, Полска и Романија за 10 до 15 проценти, според извештајот на Светската банка за економијата на Европската Унија објавен денес.

Претходниот модел на раст на споменатите земји, кој се потпира на евтина работна сила, трговска интеграција и учество во европските синџири на снабдување, сега ги достигна своите граници, па затоа е потребно да се премине на нов модел кој се потпира на иновации, забележува Светската банка.

Главниот проблем на регионот е намалувањето на бројот на работоспособни лица и заситениот пазар на трудот, па затоа повеќе не е можно да се постигне раст со едноставно вработување нови работници кои ќе работат за ниски плати.