Во јунскиот полугодишен извештај Светската банка (СБ) ја крена прогнозата за раст на македонската економија од 1,0% на 1,4%, колку што прогнозираше во претходниот извештај.
Прогнозите за раст на македонската економија за наредните две години останаа непроменети. СБ и натаму предвидува дека Македонија во 2014 година ќе оствари раст од 2,2% на бруто домашниот производ, додека во 2015 година растот ќе достигне 3,5%.
Најголем ризик за македонската, како и за глобалната економија според СБ е еврозоната за која предвидува дека годинава ќе оствари пад од 0,6%, што е за половина процент полошо од претходната прогноза.
Светската банка во својот извештај надолу ја ревидираше и прогнозата за раст на светската економија, од првичните 2,4% на 2,2%.
Иако СБ ја ревидираше нагоре прогнозата за раст на македонската економија, таа и натаму е пониска од прогнозите на македонската влада и на Меѓународниот монетарен фонд, кои предвидуваат раст од 2%, како и од онаа на Народната банка, кој изнесува 2,3%.