Светска банка ја суспендира помошта за Судан

23

Светска банка ја суспендираше помошта на Судан откако во таа земја во понеделникот беше изведен пуч.

„Мошне сум загрижен поради неодамнешните настани во Судан и се плашам од драматично влијание врз социјалното и економското заздравување и развој на земјата”, наведе претседателот на Светска банка Дејвид Малпас во соопштението, пренесува Ројтерс.

Африканската унија претходно го суспендираше Судан од членството поради, како што е наведено, неуставното преземање на власта, додека САД ги замрзнаа 700-те милиони долари помош за таа земја.

Како што наведува BBC, ненадејниот прекин на приливот на финансиската помош најверојатно ќе ѝ донесе тешки последици на суданската нарушена економија во моментот кога земјата тукушто почна повторно да застанува на нозе.

Во Судан во минатите две години, по симнувањето на Омар ал-Башир, власта ја делеа цивилни и воени лидери.

До воен удар и преземање на власта дојде по повеќенеделните тензии меѓу претставниците на воените и цивилните власти околу темпото на транзицијата на Судан кон демократијата.