Светска банка ќе поддржи здравствени услуги за 1,5 милијарди луѓе до 2030 година

12

Групацијата на Светска банка објави амбициозен план за поддршка на земјите во обезбедувањето квалитетни, достапни здравствени услуги за 1,5 милијарди луѓе до 2030 година. Планот беше претставен како дел од пролетниот состанок на Меѓународниот монетарен фонд и Групацијата на Светска банка, што се одржува од 15 до 20 април во Вашингтон.

Овој план е дел од пошироките глобални напори да се обезбеди основен стандард на грижа во текот на секоја фаза од животот на една личност, односно низ раното детство, детството, адолесценцијата и зрелоста, според веб-страницата на Светска банка, пренесува Танјуг.

„Обезбедувањето на основен стандард за грижа за луѓето во текот на нивниот живот е од клучно значење за развојот“, рече претседателот на Групацијата Светска банка Аџеј Банга. Тој додаде дека за остварување на оваа амбиција ќе бидат потребни партнери, односно неопходна е соработка меѓу јавниот и приватниот сектор.

Стратегијата за постигнување на гореспоменатата цел 1,5 милијарди луѓе да добиваат квалитетни и достапни здравствени услуги до 2030 година се заснова на три клучни елементи, се нагласува во соопштението.

Првиот елемент е проширување на фокусот од здравјето на мајката и детето на здравјето во текот на животот на една личност, што ја вклучува борбата против незаразните болести. Друга точка е проширувањето на здравствените услуги до тешко достапните области, вклучувајќи ги оддалечените села, градови и земји.

Третата компонента е соработка со владите за намалување на таксите и другите финансиски бариери за здравствената заштита. Според извештаите, денес околу две милијарди луѓе се соочуваат со сериозни финансиски тешкотии при плаќањето на здравствените услуги.

„Преплетените предизвици, како што се климатските промени, пандемиите, конфликтите, стареењето на општеството и проектираниот недостиг од 10 милиони здравствени работници до 2030 година, го влошуваат циклусот на сиромаштија и нееднаквост“, предупредува Светска банка.