Светска банка: Намалена сиромаштијата во регионот

26

siromastija-pixabay

Фото: Ptrabattoni / Pixabay

Повеќето нови работни места и ниските цени придонесуваат за намалувањето на сиромаштијата во регионот, со тоа што просечните стапки на сиромаштија се намалија за скоро два процентни поени во Албанија, Македонија, Црна Гора и Србија во 2016 година, што заедно со други придобивки придонесе за извлекување на околу 240.000 луѓе од сиромаштијата во изминатите три години, покажува редовниот економски извештај на Светска банка за Западен Балкан.

Земјите од Западниот Балкан, како што се наведува, растат со побрз чекор отколку во 2015 година, со тоа што регионалниот раст е предвиден на 2,8% во 2016 година односно 3,2% во 2017 година. Забрзаниот раст во Албанија и Србија го надомести послабото ширење во Црна Гора и Република Македонија, додека пак иако растот во Косово забави во 2016 година, сепак оваа економија и понатаму забележува најбрз раст.

“Закрепнувањето на растот во Западниот Балкан забрза во 2016 година, со охрабрувачки намалувања на невработеноста и сиромаштијата. Растот и вработеноста се зголемија, особено во земји кои остварија значителен напредок во намалувањето на фискалните дефицити, справувајќи се со наследството на голема и неефективна држава и подобрувајќи го опкружувањето за домашни странски инвестиции “, изјави Елен Голдстин, регионален директор на Светска банка за Западен Балкан.

И покрај ваквиот напредок, пазарот на трудот и понатаму претставува предизвик во земјите од Западен Балкан, со тоа што стапката на невработеност се движи околу 22% во 2016 година.

Одржливите реформи, како што стои во извештајот, беа делотворни во однос на привлекувањето на приватни инвестиции, стабилизирање на јавниот долг и зголемување на приходите на домаќинствата. Растот, како и надворешниот и фискалниот биланс на земјите кои ги одржаа реформите исто така се подобрени, со што се зајакна нивната отпорност на можни економски потреси.

“Забележавме подобрување на фискалните биланси ширум регионот на Западен Балкан. Дел од земјите го остварија ова истовремено штитејќи односно зголемувајќи ги инвестициските трошења, што пак ќе придонесе за одржување односно забрзување на растот во иднина. Други пак земји, ги намалија своите дефицити со намалување на инвестициите, иако ги зголемија платите, пензиите, трансферите и субвенциите.  Ова неповолно ќе влијае на идниот раст“, велат Екатерина Вострокнутова и Марко Хернандез, водечки економски и коавтори на извештајот.

Според извештајот, за одржувањето на растот во земјите од Западен Балкан и справувањето со тековните предизвици поврзани со невработеноста, земјите треба да продолжат по патот на реформите. Поконкретно, потребни се понатамошна фискална консолидација и структурни реформи во сите шест земји за да се подобри ефикасноста на јавните сектори и да се зголеми конкурентноста на нивните економии со цел да се унапреди развојот на приватниот сектор. Во извештајот се нагласува дека реформите треба да се фокусираат на областите на пазарите на трудот, деловното опкружување, ефикасноста на јавниот сектор и глобалната интеграција, но истовремено и да се осигури одржливата употреба на енергијата и природните ресурси.