Светска банка продолжува да му помага на Западен Балкан преку инвестирање во чисти извори на енергија

33

Аерозагадувањето останува водечки фактор на ризик во животната средина кој придонесува најмногу за вкупниот број на смртни случаи и попречености во Западен Балкан и негативно влијае на животната средина и економијата, оценува Светска банка.

Поради тоа, во текот на изминатите петнаесет години, Светска банка инвестираше повеќе од 250 милиони американски долари во подобрување на енергетската ефикасност и намалување на загадувањето на воздухот и емисиите на стакленички гасови низ целиот регион, вклучително и преку проекти насочени кон намалување на вкупната побарувачка на топлина, замена на дрво и јаглен и поголема употреба на поекономично осветлување.

Се истакнува дека граѓаните на Сараево, Скопје, Белград и многу други градови низ Западен Балкан често дишат воздух кој е меѓу најзагадените во светот – особено во зимските месеци.

Во наредниот период, Светска банка ќе продолжи да им помага на земјите од Западен Балкан во зазеленувањето на нивните економии преку инвестирање во чисти извори на енергија.

Зелените економии низ Западен Балкан ќе им овозможат на сите граѓани да напредуваат економски, но исто така и чист воздух и чиста вода за пиење – и овој троен успех ќе го подобри животниот стандард, ќе го подобри здравјето и ќе обезбеди одржлив раст кон почиста и поздрава иднина, соопшти Светска банка.

Фото: Pixabay