Светска банка проектира раст на БДП на земјава од 2,9% за оваа година

14

Светска банка проектира реалниот раст на бруто домашниот производ на земјава оваа година да биде 2,9%, а следната 3,2%, стои во најновиот редовен економски извештај за земјите од западен Балкан, под името Потребно е забрзување на реформите.

Економскиот раст во земјите од западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија), како што се наведува, се искачи од 2,6% во 2017 година на 3,8% во 2018 година и во просек е предвиден да изнесува 3,7% во 2019 и 2020 година.

Проекциите на Светска банка за растот на БДП за оваа година за земјите од западен Балкан се: Албанија 3,8%, Босна и Херцеговина 3,4%, Косово 4,4%, Црна Гора 2,9%и Србија 3,5%.

И покрај посилниот раст во 2018 година беа создадени помалку работни места во регионот, што се одрази на ограничена динамика во приватниот сектор. Само 96,000 работни места беа создадени во Западен Балкан во 2018 година, повеќето во индустријата и услугите, споредено со 171,200 работни места создадени во 2017 година. Невработеноста се намали во 2018 година, но остана висока, особено за жените и младите. Во некои земји, намалувањето на невработеноста произлезе од зголемената неактивност и емиграција, а не од новите работни места.