Одборот на извршни директори на Светската банка го одобри Вториот програмски заем за развојни политики за конкурентност (ДПЛ2) во износ од 36,4 милиони евра за Република Македонија. Целта е да ја зајакне конкурентноста на економијата на Република Македонија преку поддржување на инвестиции и надградба на технологијата во секторите индустрија, агробизнис и трговска логистика, и создавање услови за зголемување на флексибилноста на пазарот на трудот и капацитетот за иновации.
“Подобрувањето на конкурентноста и условите за развој на локалните компании е неопходно за Република Македонија да се стави на патеката на одржлив раст, да се создадат повеќе и подобри работни места, и да се промовира заеднички просперитет”, вели Татјана Проскурјакова, директор на канцеларијата на Светска банка во Република Македонија.
Надоврзувајќи се на резултатите на првиот програмски заем за развојни политики (ДПЛ) за конкурентност од 2012 година, реформите во рамките на ДПЛ2 ќе поттикнат инвестиции и иновации во клучни сектори ориентирани кон извозот, кои имаат потенцијал да го зголемат долгорочниот раст и создавањето работни места во услови на се поконкурентна глобална економија.
Активностите преземени во рамките на ДПЛ2 ќе ја зголемат одржливоста и влијанието на владината програма за технолошките индустриски развојни зони (ТИРЗ) – важна алатка за привлекување странски инвестиции во производство што додава вредност и е извозно ориентирано.
Новите програми за поддршка на извозниците придонесуваат во насока на унапредување и надградување на индустриите со силен потенцијал за извоз. Во секторот агробизнис, промоцијата на програмата за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост ќе доведе до подобро користење на земјишните ресурси и влез на нови странски и домашни фирми на пазарот. Во областа на трговската логистика, сеопфатните подобрувања во однос на пристапот базиран на ризик на царинските контроли и техничките инспекции во согласност со најдобрите практики на ЕУ ќе ја подобри ефикасноста на контролите на трговијата со стоки.
Со овие конкретни секторски политики, беа воведени правни реформи за олеснување на сезонското вработување и за да им се овозможи на луѓето кои работат времено и понатаму да останат на списокот за социјална помош, што ќе ја подобри мотивацијата за формално работење и ќе придонесе за зголемување на флексибилноста на регулативите на пазарот на трудот.
Се воспоставува и Фонд за иновации и технолошки развој за поттикнување на иновативноста на приватниот сектор преку дотации за кофинансирање, како и други финансиски инструменти.
“За подигнување на долгорочниот економски развој потребно е властите да се справат со структурните ограничувања во главните сектори на економијата”, вели Џон Габриел Годард, виш економист во секторот на Светската банка за развој на финансискиот и приватниот сектор во регионот на Европа и централна Азија (ЕЦА) и лидер на проектниот тим.
Според него идниот раст во извозно ориентираното производство ќе зависи од привлекувањето инвестиции во сегментите со високо ниво на додадена вредност и побрза интеграција во глобалните синџири на снабдување. Реформите кои се спроведени во рамките на ДПЛ2 ќе придонесат за унапредување на оваа цел, а ќе овозможат и преструктуирање на секторот агробизнис, ќе ја подобрат ефикасноста на трговската логистика и ќе ја поттикнат флексибилноста на пазарот на трудот и капацитет за иновации.
Спроведувањето на реформите во рамките на ДПЛ2 ќе биде потпомогнато со техничка помош во рамките на тригодишната Програма за поддршка на конкурентни индустрии и иновации во Македонија, поддржана со грант во износ од 1,6 милиони американски долари од страна на фондот од повеќе донатори финансиран од владите на Австрија, Швајцарија, како и Европската комисија.