Светската банка подготвенa да обезбеди 30 милијарди долари против глобалниот недостиг на храна

54

Светската банка е подготвена да обезбеди до 30 милијарди долари за борба против глобалниот недостиг на храна, што се влоши со рускиот напад врз Украина, а досега има исплатено речиси 10 милијарди долари финансиска помош ветена на Киев, изјави извршниот директор на банкатa Аксел ван Троценбург.

Тој ја нагласи апсолутната потреба од меѓународна солидарност со Украина, која мора да биде долгорочна, во интервју за Ројтерс за време на посетата на Сараево.

Ван Троценбург рече дека Светската банка почнала да дава поддршка за Украина веднаш по рускиот напад на 24 февруари и досега има исплатено близу 10 милијарди долари од 13 милијарди долари помош што му ја додели на Киев.

Тој наведе дека банката ги поддржува и Украинците погодени од војната дома и во странство, како и соседните земји, како и оние земји во развој надвор од Европа, кои страдаат поради прекинот на украинскиот извоз на жито.

– Ова е една од причините зошто Светска банка е подготвена да обезбеди до 30 милијарди долари за решавање на проблемот со храната во следните 12 месеци – изјави Ван Троценбург.

Во извештајот објавен во петокот од Светската банка, Европската комисија и владата во Киев се наведува дека рускиот напад предизвикал директна штета од над 97 милијарди долари до 1 јуни, а обновата на Украина би можела да чини речиси 350 милијарди долари.