
За светската економија претстои важна недела, бидејќи најголемите светски економии ќе ги објават клучните податоци за каматните стапки, како и за невработеноста, инфлацијата и индустриското производство.
На 14 јуни американската централна банка ФЕД треба да ги објави податоците за референтната каматна стапка, а Вашингтон истовремено ќе ја објави стапката на инфлација за мај, како и податоци за продажбата на мало и расположението на потрошувачите.
Во Европа, Европската централна банка (ЕЦБ) ќе донесе одлука за референтната каматна стапка, а пазарите очекуваат зголемување од 25 базични поени. Се очекуваат конечните податоци за мајската инфлација во ЕУ и во еврозоната, како и индикаторот ZEW за економското расположение, а конечните податоци за месечната инфлација во Германија, Италија, Франција и другите земји од ЕУ ќе дадат појасна слика за состојба на европската економија.
Велика Британија ќе објави податоци за растот на својот БДП и стапката на невработеност, а Кина на светот ќе му соопшти податоци за индустриското производство, продажбата на мало, инвестициите, како и за состојбата на пазарот на трудот за мај.











