Потрошувачките организации низ светот денеска се здружуваат со цел да придонесат во справувањето со големата меѓународна здравствена криза.
“Меѓународната потрошувачка организација Consumers International и нејзините членови ги повикуваат најголемите компании за брза храна на глобално ниво да престанат да служат месо од животни на коишто рутински им се давани антибиотици што се користат во медицината за здравствена заштита на луѓето“, стои на страницата на Организацијата на потрошувачи на Македонија.
Преголемата потреба на антибиотици, како што се наведува, создава високо отпорни бактерии. Без итна акција, развојот ќе биде насочен кон пост – антибиотска ера, каде важните лекови ќе престанат да дејствуваат и малите инфекции и повреди повторно ќе бидат смртоносни.
Околу 50% од антибиотиците, како што стои на страницата на ОПМ, во светот се користат во земјоделството. Со околу 100.000 ресторани насекаде во светот, Мекдоналдс (McDonald’s), Сабвеј (Subway) и КФЦ (KFC) се во позиција да го искористат нивниот огромен продажен потенцијал за да направат голема разлика на глобалниот синџир за снабдување со храна.
Сакаме да ги исфрлиме #АнтибиотицитеНадворОдМенито.
За таа цел, Организацијата на потрошувачите на Македонија организираше настан по повод светскиот ден на правата на потрошувачите, каде што се надоврза на кампањата со тоа што ја промовираше веб страницата Знаете ли што јадете? Совети за правилна исхрана www.pravilnaishrana.mk, мобилната апликација за паметни телефони на Андроид оперативен систем (а наскоро ќе биде објавена и апликацијата за iOS) и брошурата со ист назив.
Оваа веб страница е развиена со поддршка од Anne Fransen Fund, за да ги информира потрошувачите за правилната исхрана и нејзината важност за здравјето и да даде практични совети и алатки преку коишто ќе им се овозможи правилен избор на прехранбени производи.
Тука може да се најдат информации за тоа колкава количина на енергија и основни прехранбени состојки се потребни во текот на еден ден, да се распределат намирниците меѓу трите главни оброка во текот на денот и за тоа како да се утврдат нивните енергетски и нутритивни содржини. Објаснето е и значењето на нутритивната етикета на прехранбените производи и дадени се насоки за нејзино читање и толкување. Страницата содржи и информации за тоа како да се препознаат триковите што ги користат производителите и трговците на храна, но и за влијанието на прехранбените избори кои ги правиме врз животната средина.
На десната страна на веб страницата се наоѓа семафор којшто помага при одредување на тоа дали одреден прехранбен производ е препорачано да се користи поретко или почесто во исхраната, како и калкулатор за препорачаниот дневен внес на енергија и прехранбени производи.