
На светските берзи цените на акциите силно пораснаа минатата недела поради намалувањето на инфлациските притисоци во САД и другите западни земји, па инвеститорите веруваат дека циклусот на затегнување на монетарната политика е завршен.
На Волстрит, Dow Jones минатата недела порасна за 1,9 отсто, на 34.947 поени, додека S&P 500 зајакна 2,2 отсто, на 4.514 поени, а индексот Nasdaq за 2,4 отсто, на 14.125 поени.
Најголем дел од тие добивки беа благодарение на силниот пораст на цените на акциите во вторникот, кога беше објавено дека стапката на инфлација во САД се лизна на 3,2 отсто во октомври од 3,7 отсто во септември. Олеснувањето на инфлацијата ја поддржува тезата дека ФЕД нема да има потреба дополнително да ја заостри монетарната политика.
Дополнително, низа неодамнешни податоци покажуваат дека економијата продолжува да расте релативно стабилен, односно и покрај наглото зголемување на каматните стапки во последната година и пол, таа избегна рецесија. Од март минатата година, ФЕД ги зголеми клучните каматни стапки за 5,25 процентни поени за да ја ограничи инфлацијата.
Сепак, на последните две седници челниците на ФЕД ги оставија каматните стапки непроменети, па инвеститорите сметаат дека циклусот на поскапувања на парите е завршен, иако од ФЕД велат дека е можно дополнително заострување на монетарната политика.
Но, по силниот скок на цените на акциите во вторникот, тргувањето беше претпазливо во остатокот од неделата. Повисоките каматни стапки ќе го намалат кредитирањето, а со тоа и потрошувачката, што ќе го забави растот на економијата и ќе ја притисне заработката на компаниите. Затоа, дел од инвеститорите не се подготвени да преземаат дополнителни ризици, додека некои сметаат дека сè уште има простор за раст на пазарот и дека тоа е поволна можност за купување акции.
Цените на акциите пораснаа и на европските берзи
Во наредниот период, движењата на пазарот ќе зависат главно од шпекулациите за тоа кога ФЕД би можел да започне со намалување на каматните стапки. На пазарот на пари, се проценува дека првото намалување на каматните стапки од страна на ФЕД би можело да следи во мај следната година.
Цените на акциите пораснаа и на европските берзи, благодарение на ублажувањето на инфлацијата во еврозоната. Според извештајот на Евростат, инфлацијата во тој блок во октомври изнесувала 2,9 отсто, што е значително помалку од септемвриските 4,3 отсто. Лондонскиот FTSE индекс минатата недела зајакна 1,95 отсто, на 7.504 поени, додека франкфуртски DAX скокна за 4,5 отсто, на 15.919 поени, а париски CAC порасна за 2,7 отсто, на 7.233 поени.