Светските цени на храната на тригодишен максимум во декември

49

Светските цени на храната во декември минатата година продолжија со раст седум месеци по реди, при што поскапеа сите клучни категории на намирници, освен шеќерот, објави агенцијата за храна и земјоделие на Обединетите нации.

Индексот на агенцијата, што ги мери месените промени на цените во кошницата на основни прехранбени производи, составена од житарки, масло, млечни производи, месо и шеќер, во просек изнесуваше 107,5 поени минатиот месец во однос на ноември кога беше 105,2 поени, пренесува Ројтерс.

На ниво на цела 2020 година, референтниот индекс на агенцијата во просек бил 97,7 поени, што е тригодишен максимум и раст од 3,1% во однос на 2019 година, но сепак бил за 25% понизок од историскиот рекорд регистриран во 2011 година.

Цената на растителните масла во декември продолжија со раст, поскапувајќи за 4,7% на месечно ниво, откако во ноември пораснаа за повеќе од 14%.

Житарките во декември поскапеа за 1,1% на месечно ниво, поради зголемување на извозните цени на пченицата, пченката и оризот поради послабите изгледи за род во Северна и Јужна Америка и Русија. Во текот на целата година, житарките поскапеа за 6,6%.

Цената на млекото и млечните производи, исто така, се зголемија во последните 12 месеци за 3,2% во однос на ноември, додека на ниво од цела година биле за околу 1% пониски одошто во 2019 година.

Месото во декември поскапе за 1,7% во однос на ноември, но на ниво на цела година, во просек беше за 4,5% поевтино одошто една година претходно.

Цените на шеќерот останаа стабилни во декември по растот од 3,3% во ноември.

Фото: Freepik