Светското производство на вино падна во 2021 година

31

Светското производство на вино може да падне на најниско ниво во последните шест децении оваа година поради лошите временски услови во Европа, додека побарувачката треба да се приближи до нивото пред пандемијата, објави Меѓународната асоцијација за вино (OIV).

Производството оваа година би можело да се движи од 247,1 до 253,5 милиони хектолитри, со просечна проценка од 250,3 милиони хектолитри, проценува OIV.

Падот на производството во Италија, Шпанија и Франција, најголемите светски производители на вино, ќе го надмине очекуваното најголемо производство на вино во историјата на јужната хемисфера, нагласи OIV.

Производството во ЕУ треба да падне за 13 отсто, на 145 милиони хектолитри, се проценува, потсетувајќи дека лозовите насади во Западна Европа годинава се погодени од пролетните мразови, а француските производители се тешко погодени од обилни дождови и град.

Глобалните трендови на потрошувачка се охрабрувачки, а податоците од првата половина на годината сигнализираат за закрепнување, и покрај континуираните нарушувања во туризмот и угостителството предизвикани од пандемијата на коронавирус.

„Сè уште очекуваме зголемување на глобалната потрошувачка во споредба со 2020 година“, рече извршниот директор на OIV, Пау Рока, додавајќи дека податоците за трговијата во првата половина од годината покажуваат поголем обем отколку во периодот пред пандемијата. Тоа им помогна на производителите на вино во пандемијата и преминот кон онлајн продажба, додаде Рока.