Т-Мобиле и УНИЦЕФ ќе отвораат Центри за ран детски развој

134

tocka-88925Фондацијата Т-Мобиле за Македонија и Фондот за деца при Обединетите нации УНИЦЕФ, ќе отворат дополнителни Центри за ран детски развој во ранливите заедници.

“Фондацијата Т – Мобиле за Македонија и УНИЦЕФ имаат иста цел, сакаме да го подобриме квалитетот на животот за децата, особено оние од социјално загрозени средини, и преку ова партнерство планираме да го постигнеме токму тоа“, изјави вчера Леа Липша, директор на Фондацијата.

Преку ова партнерство, УНИЦЕФ и Фондацијата Т-Мобиле за Македонија ќе работат на надминување на јазот преку едуцирање на родителите и згрижувачите, отворање на нови центри за ран детски развој и подобрување на квалитетот на програмите за учење во градинките.

“Првите пет години од животот се најважни за детскиот развој и имаат долгорочни последици. Во текот на првите пет години од животот, мозокот најбрзо се развива и научно е докажано дека децата кои посетуваат висококвалитетни програми за ран детски развој постигнуваат подобри резултати во училиште и има поголема веројатност тие подобро да напредуваат во животот”, истакна Шелдон Јет, претставник на УНИЦЕФ.

Центрите ќе ги опслужуваат заедниците во кои не постојат градинки, како што се руралните средини и маргинализираните заедници. Децата ќе посетуваат организирана програма за учење неколку часа во денот и родителите ќе имаат пристап до образовни програми за тоа како да работат со децата во својот дом.

Во Македонија само 43 од сите општини имаат градинки, а 90% се наоѓаат во урбаните средини, главно во Скопје. Само 6% од децата кои живеат во руралните области, учествуваат во програмите за ран детски развој. Во овие програми нема скоро воопшто деца од најсиромашните домаќинства, односно нивната застапеност е 0,3%.

Во моментов постојат дваесет вакви центри кои беа основани преку програмата на УНИЦЕФ, а со поддршка на локалните власти. Преку овие партнерства, Фондацијата Т-Мобиле за Македонија ќе донира најмалку 50.000 долари за отворање на дополнителни центри.