ТАВ Македонија и Македонски Телеком воведоа бесплатен интернет на скопскиот аеродром

24

aerodrom aleksandar veliki

Почнувајќи од 15-ти октомври ТАВ Македонија во соработка со Македонски Телеком воведе бесплатен интернет на скопскиот аеродром Александар Велики.

Станува збор за бесплатен безжичен интернет кој е достапен во терминалната зграда и во вип салонот на скопскиот аеродром, а кој патниците можат да го користат со едноставно приклучување на безжичната мрежа со име: Telekom HotSpot.

По поврзувањето на оваа мрежа, патниците преку интернет пребарувачот на својот мобилен уред автоматски се поврзуваат со веб страница на која преку кликање на иконата Поврзи се можат да го користат бесплатниот интернет, без потреба од впишување на лозинка.

Ваквото поврзување трае 30 минути, а после секоја сесија на интернет потребно е ново најавување на корисникот на безжичната мрежа.

“Навистина сме среќни што можеме да додадеме уште една нова корисна услуга за патниците во нашето портфолио на т.н. неавијациски услуги и со тоа да се приклучиме на глобалниот тренд за бесплатен интернет. И досега нудевме бесплатен безжичен интернет, но беше ограничен на одредени локации и со одреден временски интервал, а сега го нудиме во целата терминална зграда неограничено. Со новиот квалитетен и брз интернет кој сега го нудиме во соработка со Македонски Телеком, веруваме дека ќе ги задоволиме потребите на патниците да бидат во тек со информациите на Интернет, како од бизнис аспект, така и од аспект на забава и релаксација додека престојуваат во терминалната зграда“, изјави Зоран Крстевски, генерален директор на ТАВ Македонија.

Брзиот Интернет на Александар Велики обезбеден од Македонски Телеком е придружен со корисничка заштита, што значи дека секоја несоодветна содржина како вируси и спам, ќе биде филтрирана.

Од ТАВ Македонија велат дека секогаш се трудат да обезбедат најдобри – висококвалитетни услуги за патниците во секој сегмент на работењето, вклучувајќи ги и авијациските и неавијациските услуги.