Tesla успеа во своите намери да ја надмине границата од 640 километри автономија со едно полнење според EPA стандардите со својот Model S.
Tesla официјално стана првиот производител на електрични автомобили кој нуди возило со автономија од над 640 километри со едно полнење според EPA стандардите. Tesla најави дека Model S сега има домет од 647 километри со едно полнење. Ова веројатно не треба да претставува никакво изненадување, земајќи ја предвид упорноста на Илон Маск и фактот дека сигурно немаше да биде среќен ако некој друг бренд го претрка во неговата намера.
Кога Lucid Motors ќе го пласира својот модел Air на пазарот, се очекува, исто така, да има автономија од над 640 според EPA стандардите, што веројатно претставуваше дополнителен поттик за Tesla да ја надмине магичната граница со Model S кога станува збор за автономијата.
Уште откако американската компанија се појави на пазарот со Roadster, претставува лидер во индустријата кога станува збор за електрични автомобили со голема автономија, а изгледа дека Илон Маск не е подготвен да го предаде тронот се уште. Ќе се појават предизвикувачи, како Lucid Motors на пример, но Tesla нема да мирува со своите достигнувања. Производителот постојано ја зголемува својата ефикасност и ја подобрува батериската технологија со цел да остане на врвот.
Tesla се надеваше дека ќе успее да ја надмине границата од 640 километри според EPA уште претходно, но кога Model S беше тестиран, истиот достигна автономија од 629 километри. Тоа предизвика револт кај Илон Маск кој ја обвини EPA дека ги оставила клучевите во автомобилот преку ноќ, што резултирало со трошење на 2% од батеријата пред да започне тестирањето, а од EPA ги демантираа тие наводи. Како и да е, Tesla не се откажа и направи неколку промени кои на крајот овозможија Model S да ја надмине границата од 640 километри.
Преземено од Avtoplus.mk