Tesla пак на врвот, „Кинезите“ ја удвојуваат пазарната моќ во Европа

Tesla Model Y повторно најпродаван автомобил во Европа, додека кинеските брендови го удвојуваат својот пазарен удел со рекорден раст од 149%

По неколку месеци осцилации, Tesla повторно се враќа на лидерската позиција во Европа. Моделот Model Y во септември 2025 година повторно се искачи на првото место по продажба на нови автомобили, додека кинеските автомобилски брендови бележат историски раст и удвојување на нивниот пазарен удел.

Tesla Model Y повторно доминира

Според податоците на Dataforce и Autonews, во септември на европскиот пазар се продадени 25.938 примероци од Tesla Model Y, што и покрај падот од 8,6% во однос на истиот месец лани, претставува силен камбек за американскиот производител. Во август Model Y се најде дури на 17-тото место, а во јули падна на 60-тото.

Зад Model Y, на второто место се најде Renault Clio со 20.146 продадени автомобили, следен од Dacia Sandero со 19.200 примероци и Volkswagen T-Roc со 18.652. Интересно, токму VW T-Roc бележи најголем пораст – дури 48,8% повеќе продажби од лани.

И покрај овој успех, Tesla Model Y моментално е само 17-ти најпродаван автомобил во Европа за 2025 година, со вкупно 109.793 продадени единици од почетокот на годината. За споредба, Dacia Sandero води со речиси 186.000 продажби.

Кинеските брендови растат – пазарниот удел достигна 7,4%

Најголемата новост на пазарот сепак не доаѓа од Tesla, туку од кинеските производители, кои бележат рекорден раст на европскиот пазар. Во септември, нивниот заеднички удел достигна 7,4% од сите продадени нови автомобили, што е повеќе од двојно зголемување во однос на 3,3% во истиот месец минатата година.

Во апсолутни бројки, тоа се 90.571 продадени автомобили со кинеско потекло – раст од неверојатни 149% во споредба со септември 2024 година.

MG, BYD и Chery – новите сили на европскиот пазар

Најуспешен меѓу кинеските брендови е MG, кој бележи раст од 77% и во септември продаде 33.536 возила, додека од почетокот на годината има продадено 225.334 единици во Европа. Најбаран модел е MG ZS, со речиси 95.000 продадени примероци во 2025 година.

На второто место е BYD, кој во септември забележа продажба од 24.336 возила, што е огромен скок во однос на 4.561 продадени во истиот месец минатата година. Најуспешен модел на BYD е Seal U (или Sealion 6) – plug-in хибрид со 55.411 продажби годинава.

Трет по ред е Chery, со 18.454 продажби во септември и вкупно 73.128 возила во Европа од почетокот на 2025 година. Компанијата настапува и преку своите подбрендови Jaecoo и Omodo, кои постепено го зголемуваат присуството во централна и западна Европа.

Нови трендови: Европа меѓу Tesla и Кина

Пазарните движења покажуваат јасна трансформација на европската автомобилска сцена – додека Tesla останува силна во премиум сегментот, кинеските брендови освојуваат дел од средната и ниската класа со пониски цени и солидна технолошка понуда.

Со ваков тренд, аналитичарите предвидуваат дека до крајот на 2026 година, кинеските производители би можеле да заземат повеќе од 10% од европскиот пазар – нешто што до неодамна изгледаше невозможно.

Преземено од Автоплус.мк