„Тесла“ развива нов, поевтин електричен автомобил

Тесла развива сосема нов, помал и поевтин електричен теренец, според повеќе извори запознаени со проектот. Во последно време, компанијата разговара со добавувачите за деталите за производството и компонентите, а станува збор за сосема нов модел, а не за варијација на постојните возила како што се Модел 3 или Модел Y.

Планирано е новиот компактен теренец да се произведува во Кина, а подоцна и во САД и Европа. Возилото треба да биде долго 4,28 метри, што го прави значително помало од Модел Y. Целта е да се понуди попристапен автомобил што би можел да привлече поширок круг купувачи, објавува Ројтерс.

Овој проект доаѓа по одлуката на извршниот директор Илон Маск да се откаже од својот претходен план за нискобуџетен електричен автомобил во 2024 година и да го префрли фокусот на роботакси и хуманоидни роботи. Сега е нејасно дали Тесла ја менува својата стратегија и се враќа на нискобуџетните возила или го гледа новиот модел како дел од иднината на автономното возење.

Според достапните информации, новиот автомобил би можел да се прилагоди за возење без возач, но и да ја задржи можноста за класично управување. Тесла смета на фактот дека многу земји нема да прифаќаат автономни возила со години, па затоа сака флексибилност за да ја зголеми продажбата и да го одржи целосниот производствен капацитет.

Компанијата веќе се соочува со пад на продажбата на класични електрични возила, додека роботаксиите сè уште не се широко распространети и во моментов се тестираат во ограничен обем. Новиот модел би можел да биде обид да се одговори на конкуренцијата, особено од Кина, каде што веќе се произведуваат многу поевтини електрични автомобили.

Сепак, проектот е сè уште во рана фаза и не е сигурно кога ќе започне производството. „Тесла“ има историја на одложување и откажување на проекти, па затоа останува неизвесно дали овој модел навистина ќе стигне на пазарот или ќе ја доживее судбината на некои претходни планови.