И оваа година, пред истекот на законскиот рок, винарската визба Тиквеш заврши со исплатата на средствата за откупеното грозје од последната берба, стои во соопштението.
За откупените 17,5 милиони килограми грозје, заклучно со 28-ми април 2017, исплатени се вкупно 263,5 милиони денари. При тоа, исплатата на средствата за индивидуалните лозари заврши уште на почетокот на месец април, што е скоро еден месец пред крајниот рок определен со законската регулатива.
“Исплатата на средствата за откупеното грозје од бербата во 2016-та година се одвиваше во континуитет во законски предвидените рокови. Со ваква динамика и континуитет во исплатата на средствата за откупеното грозје, Тиквеш им овозможи на своите партнери – лозарите навремено да ги завршат сите планирани земјоделски активности во лозјата. На овој начин, Тиквеш уште еднаш покажа дека доследно ја почитува законската регулатива и договорените обврски со лозарите со што ја потврдува својата посветеност кон остварување на стратешките развојни цели кои се темелат на постигнување и одржување на високиот квалитет на грозјето, како предуслов за производство на врвно вино“, стои во соопштението.