Тим со добра бизнис идеја заслужува поддршка за нејзино реализирање

74
Portraits fuer Testimonials in Kommunikationsmittel der Berner Fachhochschule, Bereich Wirtschaft © christinestrub.ch
Арон Браун, претприемач и бизнис ангел од Швајцарија

Бизнис ангелите сè повеќе се присутни на глобалната бизнис сцена и потребата за ваквиот тип на инвестиции е сè поголема. Секојдневно “никнуваат“ нови идеи и многу млади луѓе покажуваат интерес да влезат на старт – ап сцената. На овие теми повеќе разговаравме со Арон Браун, бизнис ангел од Швајцарија.

БИ: Вие сте искусен претприемач и бизнис ангел. Може ли да ни кажете нешто повеќе за вас и тоа што го работите?

Мојата кариера ја започнав како електрo инженер во Philips, каде што развивав микрочипови за мобилни телефони. Во 1999 година ја ко-основав Epigenomics, биотехнолошка компанија, со седиште во Берлин и Сиетл. Нејзината дејност беше скрининг на тестови за канцер со помош на иновативна технологија.

Две години по иницијалната јавна понуда ја напуштив Epigenomics и своите бизнис аспирации ги насочив кон полето на образованието. Помогнав во изградбата на ланец на приватни училишта во Германија, основав центар за дневна нега и до средината на минатата година бев сопственик на ланец на училишта во Швајцарија.

Освен моите претприемачки активности, држам предавања за бизнис стратегија на Универзитетот за применети науки во Берн, Швајцарија. И последно, но исто така важно, поддржувам иновативни стартапи како ментор, тренер или бизнис ангел.

БИ: Која е вашата дефиниција за ангели инвеститори (бизнис ангели)?

Бизнис ангелите се индивидуи со големо искуство во полето на бизнисот. Тие поддржуваат млади компании, стартапи преку инвестирање, експертиза и вмрежување. За разлика од институционални инвеститори, мотивацијата на бизнис ангелите не се само парите, туку и желба да се помогне на младата генерација, возбуда за одредена бизнис идеја, интерес да се научи нешто повеќе за новите индустрии и технологии…

БИ: Вие сте член на Швајцарската мрежа на бизнис ангели BAS (Business Angels Schweiz) од 2005 година. Која е примарната цел на BAS и како може да се стане член на организацијата?

BAS е еден вид на самоуправен клуб на бизнис ангели којшто ги поврзува стартапите со потенцијалните инвеститори. Организира месечни презентации на бизнис идеи (pitching), коишто редовно придонесуваат за инвестирање во стартапи од страна на членови на BAS, како и за создавање на долготрајни врски помеѓу бизнис ангелите и компаниите што ја добиле поддршката.

 

БИ: Кои се бенефициите на една ваква инвестиција?

За основачите на компаниите е најчесто прва можност за подигнување на поголема сума на пари за развој на нивниот бизнис и реализирање на нивниот сон. За бизнис ангелите тоа е една возбудлива можност да работат заедно со надежни млади претприемачи и бизниси и со малку среќа да генерираат добар профит од нивната инвестиција.

За општеството бизнис ангелите играат значајна улога во создавањето на успешни компании на иднината и e отворање на нови работни места.

БИ: Како да се одбере вистинскиот старт-ап, вистинската бизнис идеја?

Бизнис идејата на стартапот не мора да биде совршена, но треба да поседува значителен потенцијал за успех. Таа треба да решава значителна потреба (проблем) на пазарот и да умее да генерира добар профит.

Освен тоа, идејата треба да биде доволно иновативна и мерлива, а во исто време и реалистична. Сепак, една од најважните карактеристики е да има убедлив тим основачи или основач. Тие треба да бидат максимално посветени на нивниот бизнис и да ги имаат потребните знаења и вештини за истиот да го направат успешен. Тимот треба да биде моќна комбинација од скромност (да го прифатат фактот дека има уште многу да учат додека успеат во замислата) и самодоверба (дека со текот на времето самите ќе увидат како тоа да го направат).

БИ: Колку инвестиции сте имале досега? 

Досега сум инвестирал вкупно 12 пати во различни полиња: биотехнологија, образование, туризам, финтек, виртуелна реалност…