Tip of the Week со ново интернационално издание на англиски јазик

32

По успешната кампања на глобалната платформа Кикстартер, на крајот од минатата година, тимот на Tip of the Week изминативе месеци интензивно работеше на издавање на интернационалното издание на Tip of the Week на англиски јазик и навремена испорака на наградите на поддржувачите. Изданието сoдржи 39 совети од 24 автoри од 8 земји од регионот (Македонија, Србија, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Словенија, Косово, Бугарија), и многу практични примери и вежби за унапредување на нашиот личен и професионален развој. Изданието е веќе во продажба на веб-сајтот www.tipoftheweek.co.

“Искрено им благодариме на сите автори кои без размислување ја прифатија иницијативата да бидат дел од интернационалното издание на Tip of the Week и за прв пат на светската читателска публика да презентираме нова уникатна перспектива за мотивација и за едукација која доаѓа од Балканот, а со тоа да споделат дел од нивното знаење и искуство. Во регионот постојат навистина големи професионалци кои се успешни во нивното работење, а има толку многу да се научи од нив. Посебно сме горди што Tip of the Week веќе прераснува во препознатлив бренд со голема база на поддржувачи од секаде во светот.“ – велат главните креатори на Tip of the Week концептот, Калин Бабушку и Петар Лазаров.

Tip of the Week концептот e започнат во 2010 година во Македонија со издавање на неделни совети и два прирачника за личен и за професионален развој. Во 2016 година, проширен е во Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, а во 2017 година и во Хрватска. Прирачниците, досега се издадени на четири јазици и продадени во тираж во повеќе од 20.000 копии.