Јапонскиот Toyota Motor објави дека ја прекинува работата во фабриката во кинеската провинција Сечуан, откако властите издадоа наредба за заштеда на енергија.
Фабриката на Тојота во Сечуан нема да работи до сабота, изјави портпаролот. Провинцијата Сечуан ја рационализира потрошувачката на енергија во индустријата за време на најлошиот топлотен бран во последните 60 години, принудувајќи ги производителите на ѓубрива, литиум и други метали да ги затворат погоните или да го намалат производството.
На индустриските потрошувачи во 19 од 21 град во Сечуан им е наредено да го прекинат производството од 15 до 20 август за да им се даде приоритет на снабдувањето со електрична енергија на станбените згради, се вели во соопштението објавено од Администрацијата за економија и информатичка технологија.
„Тојота“ не сака да каже како прекинот ќе се одрази на обемот на производството. „Ја следиме ситуацијата секој ден и ги следиме насоките на владата“, рече портпаролот на јапонската компанија.












