Топ пет најтргувани акции на Берзата во 2016 година

26

berza-dzvonce

Акциите на Комерцијална банка, Алкалоид, Макпетрол, Стопанска банка и на НЛБ Банка се најтргувани на официјалниот пазар во текот на изминатата година, покажува Годишниот статистички билтен на Македонска берза.

Со акциите на Комерцијална банка се реализирани вкупно 2.124 трансакции со што е остварен промет од 515.585.327 денари. Зад нив се хартиите од вредност на Алкалоид со 1.584 трансакции, вкупен промет од 230.722.089 денари. Со 1.060 трансакции и промет од 151.107.700 денари се акциите на Макпетрол. По нив следат акциите на Стопанска и НЛБ Банка со 923 односно 524 трансакции.

На официјалниот пазар во 2016 година е остварен промет од 2.207.118.593 денари, што е 73% од вкупниот промет на Берзата во текот на минатата година. На редовниот пазар е реализиран промет од 125.343.801 денари, што е 4,15% од целиот промет. Блок трансакциите учествуваат со 21,35% по што е направен промет од 645.400.593 денари. Јавните берзански аукции партиципираат со 1,51% учество во вкупниот промет со реализација од 45.531.185 денари.

Најголем промет по месеци е остварен во ноември со 14,53% учество, додека најмал во февруари до 4,12% од вкупниот промет.

На официјалниот пазар најголем раст имаа акциите на Агромеханика (600%), Фабрика Карпош (369,13%) и Нова стоковна куќа Струмица (287,135).

Од друга страна, најголем пад имаа акциите на Трготекстил малопродажба (51%), Оилко КДА (32,77%) и РЖ Техничка контрола Скопје (12,22%).

Пазарната капитализација во 2016 година се позиционираше на 115.710.274.852 денари, што е пораст од 12,50% во однос на претходната година. Кај прометот има зголемување од 13,64% и достигна вредност од 3.023.394.172 денари. Во текот на минатата година се реализирани 12.933, што е за 8,93% повеќе во однос на 2015 година. Берзанскиот индекс МИ10 се позиционираше на 2.134,91 што е за 16,45% повеќе во однос на претходната година.