Топ три најтргувани акции на Македонска берза во октомври

77

Акциите на Макпетрол, Алкалоид и Комерцијална банка се три најтргувани на официјалниот пазар на Македонска берза во октомври, покажуваат податоците од Месечниот статистички билтен.

Со 375 трансакции и 30,29% учество во прометот, на прво место се најдоа акциите на Макпетрол. По нив следуваат акциите на Алкалоид со 347 трансакции и 21,32% учество во вкупниот промет, додека на трети се акциите на Комерцијална банка со 257 реализирани трансакции или 17,95% удел во вкупниот промет на официјалниот пазар.

Акции коишто забележаа најголем раст во текот на минатиот месец се хартиите од вредност на: Интерпромет од Тетово (141,94%), Скопски пазар Скопје – приоритетни акции (100,12%), РЖ Уготур Скопје (66,67%), Тутунски комбинат Прилеп (2,80%) и Скопски пазар Скопје (2,56%).

Од друга страна, најголем пад забележаа овие акции: РЖ Економика Скопје (-42,86%), ФЗЦ 11 Октомври Куманово (-13,45%), ЗК Пелагонија Битола (-8,81%), Макстил Скопје (-8,33%) и Стопанска банка Скопје – приоритетни акции (-8,03%).

Пазарната капитализација во октомври се позиционираше на 177.876.537.799 денари или 1,38% помалку во споредба со претходниот месец. Прометот во октомври достигна 681.345.461 денар, што е за 6,90% пониско во однос на септември. Кај бројот на трансакции (1.777) има намалување од 5,73%, а пад од 1,27% се забележува кај индексот МБИ10, којшто заврши на 4.273,24 поени.

Фото: Pixabay