Топланата Запад веќе работи на гас

43

Балкан енерџи груп (БЕГ) викендов ја пушти во употреба новата опрема за гасификација на топланата Запад, во вредност од 700.000 евра.

Досега топланата во скопската населба Тафталиџе работеше на мазут, а отсега ќе работи на гас, што ќе претставува голем придонес за зачувување на животната средина во градот и за заштита на здравјето на граѓаните.

Се работи за измени на двата носечки котли, кои до минатата недела работеа на мазут, поради што оваа топлана беше еден од најголемите загадувачи во Скопје. Котлите отсега ќе работат на гас, со што ќе се избегне понатамошното загадување ва воздухот од оваа топлана.

“Со новите гасни горилници ќе се постигне емисиите на азотни оксиди и јаглен моноксид, гасови исклучително штетни по човековото здравје, да паднат под 100 mg/Nm3 (милиграми на нормален метар кубен). Овие вредности се далеку пониски од емисиите пропишани со македонското законодавство и ги исполнуваат најстрогите стандарди на ЕУ”, информираат од БЕГ.

Новите четири гасни горилници со вкупен капацитет од 132 мегавати, и четирите гасни рампи за довод и подготовка на природен гас се германско производство.