Топлификација лани прокнижи добивка од 32 милиони денари

29

toplifikacija

Топлификација, во период од први јануари до 31-ви декември минатата година, прикажа вкупна сеопфатна добивка од 32.006.000 денари, покажува неконсолидираниот биланс на успех објавен на Македонска берза.

Претходната 2014 година, компанијата оствари добивка од 29.194.000 денари.

“Вкупните приходи се во износ од 203.624.000 денари за 2015 година. Вкупните приходи се состојат од приходи од продажба, други оперативни приходи и финансиски приходи. Приходите од продажба во најголем дел се приходи што произлегуваат од договорот за закупи на опремата за производство на топлинска енергија“, стои во Образложението на остварените резултати.

Во текот на 2015 година, Топлификација од средствата за амортизацијата, согласно договорот за закуп на основни средства за производство на топлинска енергија, вложи износ од 48 милиони денари во инвестиции во опрема за производство на топлинска енергија.

“Во текот на 2016 година се очекува остварување на приходите од договорот за закуп на опремата за производство на топлинска енергија во износ од 100 милиони денари, се очекува наплата на побарувања од топлинска енергија, а со тоа и намалувања на кредитната изложеност на компанијата. Во 2016 година ќе продолжат активности на други проекти од областа на енергетиката поврзани со дистрибуција на гас на ниво на урбани средини, либерализација на пазар на електрична енергија и примената на обновливи извори на енергија по пазарни услови“, стои во Образложението.