Топлотен бран во Македонија, од денес жолта фаза

34

sonce-3-pexels

Фото: Pexels

Според најавата на метео-алармот од Управата за хидрометеоролошки работи, денес се очекува целата територија на државата да биде зафатена со температури кои ја дефинираат жолтата, односно алертна фаза. Деновите со повисоки температури се очекува да траат до крајот на неделата.

Денеска времето во Македонија ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност која највеќе ќе биде застапена во крајните источни и западни делови од земјава. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец.

Утринската температура ќе се движи од седум до 13, а дневната од 26 до 32 степени.

Во Скопје и околината времето ќе биде сончево и топло. Утринската температура ќе се спушти 12, а дневната ќе се искачи до 31 степен.

Од Министерството за здравство апелираат до граѓаните да ги почитуваат општите препораки за населението, во однос на заштита од директна сончева изложеност, како што се избегнување подолг престој на отворено во периодот од 11 до 16 часот, носење лесна и светла облека, консумација на лесна храна и течности, хигиена на раце и хигиенски начин на подготовка на храната, како и редовно земање на терапијата кај хронично болните лица.

Комисијата за климатски промени при Министерството за здравство континуирано ја следи состојбата со топлото време, за што јавноста навремено ќе биде информирана.