Toyota потврди дека ќе прави нов мал кросовер за Европа

60

Toyota досега веќе го претстави новиот Yaris во хечбек верзија со пет врати како и спортскиот GR Yaris, но во план е и кросовер варијанта со којшто јапонскиот гигант ќе биде конкуренција на Nissan Juke и Renault Captur во Европа. За ова неодамна се шпекулираше низ медиумите, а сето ова сега е и официјално потврдено од самата фабрика. Исто така, објавен е и еден тизер цртеж, додека името на овој новитет уште не е соопштено.

Претходните неофицијални информации велат дека станува збор за автомобил нешто подолг од четири метри, повисок од Yaris за 40 милиметри и со благо продолжено меѓуосовинско растојание со цел да понуди повеќе место за нозете на патниците на задните седишта. За внатрешноста се предвидени голем централен екран чувствителен на допир, head-up екран, како и Apple CarPlay и Android Auto.

И овој SUV секако ќе ја користи истата платформа како и новиот Yaris (GA-B), но во однос на него ќе има различен изглед на екстериерот. Според цртежот кој е објавен, новиот кросовер ќе има мускулест изглед и веројатно ќе биде само малку поголем од Yaris. Сепак, веројатно нема да биде поголем од C-HR со оглед на тоа дека според информациите од претходниот период навести дека новиот SUV ќе се најде под C-HR кога станува збор за димензиите и цените.

Новиот кросовер ќе пристигне подоцна оваа година

Од Toyota посочуваат дека возилото покрај тоа што ќе биде базирано на истата платформа како Yaris, овој кросовер нема да биде само подигната и адаптирана верзија на хечбекот, бидејќи произведителот сака да му даде карактеристичен изглед и конструкција.

“Нема да чекате премногу долго за да го видите финалниот дизајн, и ќе видите дека ова нема да биде само Yaris со подигнат систем на потпирање и адаптирање на телото, туку сосема нов и карактеристичен B-SUV модел со компактен, динамичен дизајн и свои карактеристики“, изјави Мет Херисон, извршен потпретседател на Toyota за Европа.

Исто така, Toyota тука веројатно нема да го понуди базичниот 1,0-литарски бензински мотор, туку 1,5-литарски бензинец, како и хибридна верзија со споменатиот 1,5-литарски бензинец и комбинирана сила од 115 КС.

Автомобилот ќе се појави подоцна оваа година, додека за неговото производство ќе се грижи фабриката на Toyota во Франција (TMMF).

Преземено од Avtoplus.mk