Традицијата продолжува: Колку чини ручек со Бафет?

84

Понудувачот, кој сакаше да остане анонимен, ќе одвои 19 милиони долари за ручек со бизнисменот и филантроп Ворен Бафет во ресторан во Њујорк, а парите ќе одат во хуманитарни цели. Ова е 21-ви, но и последен пат милијардерот и бизнисмен Ворен Бафет да стави приватен ручек на аукција во корист на хуманитарна организација од Сан Франциско, јавуваат американските медиуми.

Ручек со извршниот директор на Беркшир Хатавеј беше понуден преку eBay на аукција чии приходи одат во добротворната организација „Glide“ со седиште во Сан Франциско, која им помага на бездомниците и сиромашните. Победникот на аукцијата може да однесе до седум гости на ручек.

Бафет собра 53 милиони долари за Glide од почетокот на годишните аукции во 2000 година. Добротворната организација  ја доби поддршката на Бафет поради неговата прва сопруга Сузи, која почнала да волонтира таму. Таа почина во 2004 година.

Победничката понуда на аукцијата на eBay далеку го надмина рекордот од 4,57 милиони долари што во 2019 година го плати претприемачот и основач на криптовалутата Трон, Џастин Сан.

Претходните две аукции беа откажани поради короната, а Бафет рече дека овој ручек ќе биде последниот понуден на аукцијата.

Како и овогодинешниот победник на аукцијата, многу претходни победници избраа да останат анонимни.

„Искуството беше едноставно добро“, рече Бафет за ручеците.

„Запознав многу интересни луѓе од целиот свет. А заедничко за сите е тоа што знаат дека парите ќе одат за многу добри цели“, изјави милијардерот.

Бафет вети дека ќе го донира речиси целото свое богатство од 93,4 милијарди долари, кое го прави 17-ти најбогат човек во светот, според магазинот Форбс.