
Американскиот претседател Доналд Трамп минатата година пријавил повеќе од 1,4 милијарди долари приход од криптоинвестициите на своето семејство, што покажува дека сега поголемиот дел од своите приходи го остварува од дигитални средства кои имаа корист од неговите политики, пишува Ројтерс.
Финансиските извештаи за 2025 година, поднесени до Американската канцеларија за владина етика, откриваат дека неговите компании примиле речиси 800 милиони долари од „World Liberty Financial“, криптопроект што го покрена заедно со своите синови. Тој приход, кој претседателот го дели со членовите на семејството, вклучуваше повеќе од 520 милиони долари од продажба на „криптотокени“ и повеќе од 250 милиони долари од продажба на удели во компанијата „World Liberty“.
Трамп пријавил и дополнителни 635 милиони долари од продажба на своите „меме“ монети $TRUMP.
Криптовалутите, истакнува Ројтерс, го трансформираа богатството на Трамп. Во извештајот од пред една година, на пример, тој пријавил 57,35 милиони долари од продажба на токени на „World Liberty“, што во овогодишното поднесување е зголемено за девет пати.
Инаку, агенцијата неодамна процени дека семејството Трамп заработило најмалку 2,3 милијарди долари од проекти поврзани со криптовалути откако Трамп се врати во Белата куќа во 2025 година.
Американскиот претседател исто така пријавил повеќе од 80 милиони долари приход од спогодби со разни медиумски компании и 52 милиони долари приход од неговата компанија која го лиценцираше неговото име на странски инвеститори во недвижности, главно поради зделки со блискоисточни партнери.
На прашање на Ројтерс, портпаролката на Белата куќа, Ана Кели, негираше каков било конфликт на интереси кај Трамп и неговото семејство.
„Претседателот Трамп со гордост ги направи Соединетите Држави светска криптопрестолнина преку своите извршни потези. Сите потези на него и на администрацијата се преземаат во најдобар интерес на американскиот народ – и сите таканаречени новинари кои тврдат поинаку рециклираат еден ист, излитен, лажен наратив што демократите и традиционалните медиуми го туркаат веќе една деценија“, порача Кели.
Инаку, на Трамп приходи му носат и неговите традиционални бизниси – особено голф терените и одморалиштата, од кои минатата година остварил приход од над 500 милиони долари.












