
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во петокот дека не е против можноста кинеските компании да произведуваат автомобили во Соединетите Американски Држави, и покрај силното противење од американските пратеници и автомобилската индустрија.
„Ако Кина сака да дојде и да отвори фабрика за производство на своите автомобили тука, тоа би ми било во ред“, рече Трамп во интервју за Фокс њуз.
„Јапонија го прави тоа, но тие ги вработуваат нашите луѓе. Важно е да ги вработат нашите луѓе“, рече тој.
Тој додаде дека не сака кинеските компании да произведуваат автомобили во Мексико, а потоа да ги испорачуваат во САД.
Групата Алијанса за автомобилски иновации, која ги претставува компаниите Џенерал Моторс, Форд, Тојота, Фолксваген, Хјундаи, Хонда, Стелантис и други, побара законот да биде усвоен до крајот на декември.
„Во овој момент, кинеските производители на автомобили пласираат субвенционирани возила со поврзан хардвер и софтвер по прениска цена низ целиот свет“, изјави шефот на групата, Џон Бозела, во писмо до конгресните лидери.
Американските производители на автомобили го повикаа Трамп, кој треба да се сретне со кинескиот претседател Си Џинпинг за две недели, да не ѝ дозволува на кинеската автомобилска индустрија пристап до американскиот пазар.
Демократската сенаторка Елиса Слоткин изјави во средата дека има гласини дека Трамп има намера да дозволи продажба на кинески автомобили во САД како дел од поширок договор што го подготвува. Според неа, тоа би била стратешка грешка.
Трамп ги нарече тврдењата на Слоткин „целосно лажна гласина“ и рече дека ги блокирал кинеските возила во САД.
Регулативата, која беше воведена од администрацијата на поранешниот претседател Џо Бајден на почетокот на 2025 година, им забранува на сите кинески производители на автомобили да продаваат или произведуваат патнички возила во САД. Вашингтон, исто така, одржува царини од повеќе од 100 проценти за кинеските електрични возила.
Група што ги претставува речиси сите големи производители на автомобили во земјата минатата недела го повика Конгресот брзо да донесе закон со кој трајно ќе се забранат кинеските возила од американскиот пазар.












