Треба да преземеме одговорност ако сакаме подобра иднина

40
smuc3
Соња Шмуц, извршен директор на Асоцијацијата за менаџери на Словенија и говорник на Македонскиот Економски Самит организиран од Македонија2025

Соња Шмуц веќе трет мандат е извршен директор на Асоцијацијата за менаџери на Словенија, чија дејност е развој на словенечкиот менаџмент и унапредување на конкурентоста на словенечката економија. Таа е специјалист по бизнис етика и женски менаџмент. Шмуц на оваа функција е од 2005 година, а нејзините одговорности вклучуваат грижа за непречено функционирање на асоцијацијата, поддршка на развојот на словенечкиот менаџмент, лобирање за интересите на економијата и членството на асоцијацијата, организирање на корисни бизнис средби помеѓу членовите и нивно советување во врска со темите што се обработуваат од страна на професионален менаџер.

БИ: Кои се предизвиците и потешкотиите со коишто се соочуваат малите економии од поранешна Југославија, меѓу кои се Словенија и Македонија?

Словенија и Македонија се релативно нови земји со низа проблеми, но и ентузијазам за нивно решавање. Да се биде мал понекогаш е и предност и новото се чини интересно, а во светот на глобалната економија и политика, комбинацијата на мало и ново обично значи помало влијание на глобалниот пазар и политиката. Затоа малите земји треба да разработат специјални стратегии, односно size-strategies, ако сакаат да бидат успешни во модерниот свет и да станат сопствен бренд. Мислам дека Словенија и Македонија сè уште работат на изнаоѓање на вакви стратегии. Влегувањето на Словенија во ЕУ, НАТО и еврозоната беше добар чекор, минатата декада се покажа дека сепак не е доволно. Ако малите земји сакаат да бидат атрактивни и извозно ориентирани економии, мораат да работат на своите предности – образованието, географската позиција, инфраструктурата, природата… –  и да бидете многу мудри во кроењето на конкурентските услови. Обично е тешко да се продаде оваа филозофија во нашите земји, од причина што резултатите ќе бидат видливи за три до десет години и партиите што би работеле во оваа насока, барем во Словенија, имаат мали шанси да бидат повторно избрани. Иницијативите како Македонија2025 и Summit100 помагаат за долгорочен развој на ова поле. Од друга страна, за среќа, не зависи сè од политика, па затоа во двете земји имаме одлични компании што напредуваат преку специјализација во ниш-пазари.

БИ: Кои се предностите на словенечката економија во однос на земјите од регионот и земјите членки од Европската унија?

Инвеститорите како предности ги наведуваат лојалната и квалификуваната работна сила, иновативноста, инфраструктурата (http://www.investslovenia.org/why-slovenia/). Словенија е исто така помеѓу најдобрите земји во однос на писменоста, патниот транспорт, меѓународната трговија, стапката на раст во туризмот, квалитетот на образованието, чувањето на природата…

smuc2БИ: Што претставува бизнис етиката и колку истата ја користат менаџерите во управувањето со компаниите во денешни услови?

Што се однесува на бизнис етика, поминавме низ пекол. Некои менаџери кои беа сметани за херои пред десет години исчезнаа од бизнис круговите поради нивното недолично однесување.  Ера на бум во развојот, речиси неограничени пари за кирија и верување дека сонцето секогаш ќе сјае во комбинација со некомпетентни надзорни механизми придонесоа за многу главоболки во нашата економија и предизвикаа страдања кај многу семејства кои беа жртви, не на глобалните кризи, туку на злоделата на главните менаџери и сопственици. Тоа е срамен период од нашата историја. Сепак, верувам дека многу научивме. Разговорите за бизнис етика не се ретки во круговите на менаџерите и интегритетот на личноста, особено ако е кандидат за топ менаџмент и станаа важен дел од процесот. Асоцијацијата на менаџери од Словенија одигра клучна улога на ова поле. Нашиот етички кодекс е и наш устав којшто го користиме за мерење на делата на нашите членови кога ќе се појави проблем, па според оваа основа исклучивме веќе шестмина. Минатата година придонесовме за создавање на Словенечките принципи за корпоративен интегритет коишто беа потпишани од 80 компании.

БИ: Ваша специјализација е женскиот менаџмент. Што подразбира тоа и дали земјите од регионот може да се пофалат со успешни жени менаџери?

Појдовната точка за секоја нација е талентот. Факт е дека талентот еднакво го има и кај и мажите и кај жените, сепак жени на највисоки позиции – било да е тоа во бизнисот, академските кругови или политиката се реткост. Тоа за мене е само губење на талент и ме растажува. Жените, едноставно, не добиваат доволно шанси каде можат да го развиваат нивниот талент и истиот да биде вреднуван. Освен тоа тие не се обучени на ист начин како мажите, во однос на тоа како самите да си ги создаваат шансите. Ако користиме само половина од нашите способности, никогаш нема да стигнеме толку далеку колку што можеме. Нашиот регион има подобра појдовна точка од многу други европски земји за да отиде напред по ова прашање.

БИ: На кој начин секој поединец може да лобира за интересите на сопствената економија?

Лобирањето е уметност. Според мое мислење треба да се лобира само кога интересите за кои се залагате не се единствено за ваша корист, туку можат да бидат од полза и за други луѓе или истите нема никому да наштетат. Во малите земји една индивидуа има повеќе можности да биде влијателна, но со тоа доаѓаат и поголеми одговорности. Не можеме само да седиме и да ги обвинуваме другите, треба да преземеме одговорност ако сакаме подобра иднина. Исто така треба да научиме да ги цениме и промовираме добрите идеи и дела на останатите.