Секој кој подигнува пари од банкомат мора да плати одреден надоместок, дури и на банката во којашто нема сопствена сметка. Потрошувачите вообичаено не се ни свесни за тоа, бидејќи банките меѓу себе ги регулираат овие надоместоци. Во зависност од договорот, потрошувачите ги сносат трошоците преку надомест за одржување на сметката.
Надоместок мора да се плати и при подигнување пари од банкомат во странство. Износот на тој надоместок се разликува, покажува истражувањето на Виенската комора, спроведено во септември и октомври минатата година, пренесува Indikator.ba.
Подигнувањето пари во Германија може да биде најскапо. На потрошувачите им се наплаќаат меѓу 1,95 и 6,50 евра. На Малта и во Холандија надоместокот е пет евра, а во Словенија четири. Австрија за оваа услуга наплаќа меѓу две и четири евра, додека најнизок надоместок се плаќа во Шпанија, 1,25 евра, но и таму може да се зголемат до четири евра.
“Пристапот до сопствените пари мора да биде бесплатен, бидејќи секако плаќаме доволно за сметката. Надоместоците за банкоматите се опфатени, во зависност од пакетот за тековна сметка, со тримесечен надомест за управување со сметката“, вели Габриел Згубич, од Виенската комора.
Надоместоците за банкомати веќе беа случај во Уставниот суд во Австрија. Во 2018-та година, судот одлучи дека наплатувањето на надоместоци за повлекување од банките е неуставно.
Фото: Pixabay