Трендот од САД се шири низ целиот свет: Сè повеќе луѓе бараат нови работни места

107

Незадоволството од работните услови, неинспиративните работни места и лошите шефови кои ги тераат луѓето да бараат нови работни места станаа глобален тренд.

Периодот кој во западните медиуми го нарекуваат „Големата оставка“ и кој најмногу ги погоди САД, се шири и во другите делови на светот.

Соединетите Американски Држави сè уште го држат водството на ова поле (според последните податоци месечно по околу 4 милиони луѓе поднесуваат оставки), но сега им се придружуваат и Велика Британија, Австралија и Франција.

Додека експертите велат дека бранот „оставки“ не се материјализирал во земји како Германија и Сингапур, анкетите покажуваат дека и тамошните работници размислуваат за тоа.

Декемвриско истражување на сајтот за вработување Indeed покажува дека речиси половина од 1.000 работници во Сингапур не се сигурни дали ќе останат на нивните сегашни позиции во следните шест месеци. Речиси една четвртина имаа намера да го напуштат работодавецот во првата половина од оваа година. Податоците на LinkedIn за јануари покажаа значително зголемување на бројот на работници кои ја менуваат индустријата во Шпанија, Холандија и Италија во споредба со почетокот на 2021 година.

Во студијата нарачана од Slack, која ги опфаќа Австралија, Обединетото Кралство, САД, Германија, Јапонија и Франција, отвореноста за барање нова работа расте секој квартал од јуни.

Извештајот на Форумот на иднината објавен во јануари покажува дека 53% од работниците во Франција и 55% во Германија и Јапонија се отворени за барање нови работни места следната година. Тој број се зголемува на 64% во Австралија и 60% во Велика Британија.