Трет ден во црвено за Волстрит: Блискиот Исток и стравувањата од нови камати ги соборија индексите

На Волстрит, индексите на берзата паднаа трет ден по ред во вторникот, бидејќи кризата на Блискиот Исток не се смирува, а поради зголемената инфлација се очекува зголемување на каматните стапки на централните банки.

Индексот Dow Jones падна за 0,79 проценти на 52.766 поени, S&P 500 за 0,71 процент на 7.631 поен, а Nasdaq за 1,03 проценти на 26.099 поени.

Инвеститорите се склони кон ризик, имајќи предвид дека на конфликтот меѓу САД и Иран не му се гледа крај. Поради ова, цените на нафтата растат со денови, што може да поттикне раст на и онака високата инфлација, па централните банки ќе бидат принудени да ги зголемат каматните стапки.

Оваа недела, пишува Хина, се очекува зголемување на каматните стапки од централната банка на Нов Зеланд, а следната недела можно е и зголемување на каматите од европските монетарни власти.

Можно е веќе на состанокот во септември челниците на американската централна банка да ги зголемат каматните стапки.

Откако претседателот на ФЕД, Кевин Варш, во петокот изјави дека нема значително подобрување во трендот на инфлација во текот на летото и дека таа сè уште се движи далеку над целното ниво од два отсто, пазарот проценува дека има повеќе од 65 отсто шанси ФЕД веќе во септември да ги зголеми каматните стапки за 0,25 процентни поени.

Цените на акциите паднаа на азиските берзи во средата, како и Волстрит претходниот ден.