Трета меѓународна конференција: На патот кон заздравување и одржлив раст во променетото глобално окружување

22

Народната банка на Република Македонија на 28-ми и 29-ти април ќе ја организира третата меѓународна истражувачка конференција на тема: На патот кон заздравување и одржлив раст во променетото глобално окружување“, што ќе се одржи во Скопје, во хотелот Александар палас.

Оваа конференција, организирана по повод одбележувањето на годишнината од монетарното осамостојување на Македонија, има за цел да ги поврзе истражувачите од академските институции и институциите коишто изготвуваат политики, да понуди дискусија заснована врз истражувања и совети коишто ќе бидат релевантни за централните банкари и другите носители на политиките во регионот.

Конференцијата ќе биде организирана во шест сесии кои покриваат важни теми за централните банки, академските или истражувачките институции.

Во рамките на овој настан ќе биде доделена и редовната Годишна награда на Народната банка за најдобар труд во областа на макроекономијата од млад истражувач.