Трета меѓународна регулаторна конференција

16

Во организација на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), од денеска до 20 мај во Скопје и Охрид ќе се одржи третата Меѓународна регулаторна конференција.

Конференцијата ќе почне со официјален состанок на претставниците од регулаторните тела во Србија, Бугарија, Црна Гора, Финска, Турција, Хрватска, Романија, Кипар, Молдавија, Кралството Белгија, Албанија, Косово и останати држави од регионот и од Европа, со претставници на Меѓународната унија за телекомуникации и претставници на Бордот на директори на Европското тело на регулатори за електронски комуникации, во Скопје, во просториите на АЕК, пишува Миа.

Ќе се разговара за бројни теми од областа на регулацијата на електронските комуникации и како со регулаторни мерки и помош да се поттикне развојот на нови технологии и нови услуги за сите корисници на оваа индустрија.

За утре е предвидено официјално отворање на кое, покрај Директорот на АЕК Роберт Ордановски, ќе присуствуваат и потпретседателот на Бордот на директори на Европското тело на регулатори за електронски комуникации Горан Марби, како и висок претставник од Меѓународната унија за телекомуникации. Третиот ден на конференцијата, во среда, ќе биде посветен на индустријата за електронски комуникации. Планирани се бројни презентации за иднината на електронските комуникации, операторите за јавни елекронски комуникациски услуги – Македонски Телеком, ОНЕ телекомуникациски услуги и ВИП оператор. Претставени ќе бидат и идните технологии во оваа индустрија.