Третиот најбогат човек на светот е некој за кој веројатно никогаш не сте слушнале

71

Ако некој ве праша дали Бил Гејтс или Гаутам Адани е побогат, веројатно би го избрале основачот на Мајкрософт, бидејќи никогаш не сте слушнале за човекот со чудно азиско име. Сепак, според најновата официјална листа на Блумберг, Адани е третиот најбогат човек во светот, веднаш под сопственикот на Амазон Џеф Безос и основачот на Тесла, Елон Маск.

Индиец по потекло, Адани е најбогатиот човек на азискиот континент, а последните податоци покажуваат дека вреди дури 137 милијарди долари. Тој е сопственик на цела низа компании – поседува пристаништа, авиокомпании, постројки за производство на соларна енергија и рудници за јаглен, пишува CNN.

Неговото богатство порасна од почетокот на пандемијата на коронавирусот, бидејќи во последните две години тој инвестираше само во оние бизниси кои индискиот премиер Нарендра Моди ги оцени како приоритетни за развојот на оваа земја.

Адани, исто така, имаше корист од зголемената употреба на јаглен, што го катапултираше неговиот пораст во последниве месеци.

Тој често инвестира и во медиумската индустрија, а минатата недела ја купи и влијателната телевизија Њу Делхи (NDTV).

Бил Гејтс пак, кој во последните децении секогаш го красеше самиот врв на листата на најбогати луѓе во светот, сега е на петтото место. За тоа придонесе и самиот Гејтс кој префрли 20 милијарди долари на сметката на неговата фондација Бил и Мелинда Гејтс, со што покажа дека стои зад својата намера да се „избрише“ од листата на најбогати луѓе во светот.