
Празничната сезона е веќе во полн ек, а за многу европски домаќинства купувањето играчки е клучна активност на традиционалниот список на божиќни активности. По тој повод, Евростат објави податоци за размена на играчки меѓу Европската Унија и остатокот од светот.
Според нивните податоци, ЕУ била нето увозник на играчки од таканаречените трети земји во 2024 година – биле увезени играчки во вредност од 7,1 милијарди евра, додека европскиот извоз во други земји вредел 2,5 милијарди евра.
По земји, најголемите европски земји увознички беа Германија и Холандија – секоја од нив учествуваше со 17 проценти од вкупниот увоз на играчки, додека трета беше Франција, со 14 проценти од вкупната вредност на увозот на играчки. Ова значи дека 48 проценти од целиот увоз на играчки во ЕУ заврши во тие три земји.
Што се однесува до производството, односно извозот, само три земји од Европската Унија учествуваа со речиси 60 проценти од извозот кон остатокот од светот. Чешка беше убедливо на првото место, од која отидоа 28 проценти од вкупниот извоз, додека зад неа беа Германија (17 проценти) и Белгија (13 проценти).
Главни дестинации за европските играчки беа Велика Британија (33 проценти, или 838 милиони евра), по што следуваа Швајцарија (13 проценти / 315 милиони евра) и САД (10 проценти, или 245 милиони евра).











