Трговија, транспорт и угостителство – дејности што ја движат македонската економија

127

Главен двигател на економскиот раст во текот на целата година е групата дејности трговија, транспорт и угостителство, што воедно претставува структурна карактеристика којашто е присутна во изминатите две години, покажува Извештајот на Народна банка за финансиска стабилнос на земјава во 2018 година.

Гледано од аспект на производната страна, во текот на 2018 година, кај најголем дел од дејностите е забележан раст на додадената вредност.

Забрзување на активноста и повисок придонес во вкупниот раст во споредба со 2017 година се забележува и кај индустријата, претежно поради поволните остварувања во преработувачката индустрија (во дејностите во кои се активни поголемите странски извозни капацитети ‒ моторни возила, електрична опрема, машини и уреди).

Активноста во градежништвото, како што се наведува, забележа закрепнување и се врати во зоната на позитивни остварувања во последниот квартал од 2018 година, по шест квартали на неповолни остварувања и непрекинат негативен придонес кон растот. Подобрувањата кај градежниот сектор беа проследени со минимален раст на додадената вредност на оваа дејност во 2018 година (наспроти минатогодишното намалување), којшто има речиси незначителен придонес во растот на БДП во 2018 година (при раст на активноста во високоградбата и пад на нискоградбата поради забавеното остварување на дел од поголемите јавни инфраструктурни проекти). Остварувањата на овие три економски гранки со најголема додадена вредност во вкупната економска активност во земјата се особено значајни за остварувањата на банкарскиот, но и за целокупниот финансиски систем со оглед на фактот дека 85% од вкупната кредитна изложеност кон нефинансиските друштва е сконцентрирана кај клиентите од овие дејности.

Фото: Pixabay