Трговски дефицит од 1,1 милијарда евра за седум месеци

33

Трговскиот дефицит, во периодот јануари – јули 2019 година, изнесува 1.110.992.000 евра, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – јули 2019 година, изнесува 3.721.772.000 евра и бележи пораст од 14,6% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 4.832.764.000 евра, што е за 12% повеќе во споредба со истиот период од претходната година.

Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – јули 2019 година, изнесува 77%.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите за седишта и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел). Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба.

Во периодот јануари – јули 2019 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Италија.

Фото: Pixabay