Трговскиот дефицит од јануари до декември 2016 година изнесува 1.777.461.000 евра, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во периодот јануари – декември 2016 година, изнесува 4.329.267.000 евра и бележи пораст од 6,9% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 6.106.727.000 евра што е за 5,7% повеќе во споредба со истиот период од претходната година.
Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – декември 2016, изнесува 70,9%.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, фероникелот и облеката. Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и електричната енергија.
Во периодот јануари – декември 2016 година, според вкупниот обем на надворешно – трговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Италија.