Трговски дефицит од 154,5 милиони евра во јануари

20

Фото: Pixabay

Трговскиот дефицит во јануари оваа година изнесува 154.540.000 евра, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Вкупната вредност на извозот во јануари изнесува 415.058.000 евра и бележи пад од 1,9% во однос на истиот период од претходната година, додека вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 569.598.000 евра, што е за 1,4% повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Покриеноста на увозот со извоз, во јануари 2019, изнесува 72,9%.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел). Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснато-валаните производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.

Во јануари 2019 година, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Кина и Бугарија.