Трговски дефицит од 86,6 милиони долари во јануари оваа година

10

Трговскиот дефицит во јануари оваа година изнесува 86.664.000 долари, покажуваат податоците на Државиот завод за статистика.

Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија во јануари 2015 година изнесува 335.696.000 долари, а на увозот 422.360.000 долари. Покриеноста на увозот со извоз е 79,5%.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, фероникелот, сетови на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, производите од железо и челик (валани производи) и облеката. Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), платината и легурите на платина, необработени или во прав, електричната енергија и другите метали од платинската група и нивните легури, необработени или во облик на прав.

Во јануари 2015 година, најголемо учество во извозот на стоки имаат земјите членки на ЕУ 28 со 80,1% и земјите од Западен Балкан со 8,4%, а во увозот на стоки најголемо учество имаат земјите членки на ЕУ 28 со 64,6% и Останати земји, на друго место неспомнати со 11,2%.

Според вкупниот обем на надворешно трговската размена, Македонија најмногу тргува со Германија, Велика Британија, Бугарија, Кина и Србија, односно 55,3% од вкупната надворешно трговска размена се врши со овие пет земји.